Во Театар Комедија во Скопје вечер ќе гостува актерот Симон Шербинек од Словенија, со претставата „Одбраната на сакатиот“.
Оваа претстава е продолжение на соработката на актерот Шербинек и режисерот Матјаж Латин, кои во 2021 година ја создадоа монодрамата „Кревкост“. „Кревкост“ е заснована на есеј на познатиот француски режисер Жан-Клод Кариер, додека „Одбраната на сакатиот“ е „комедија“ која на оригинален начин ја прикажува автобиографската приказна на актерот за рехабилитацијата и интеграцијата на лицата со попреченост во општеството.
Претставата тематизира различни видови попреченост, односно физички и психолошки дијагнози.
„Одбраната на сакатиот“ е монодрама со поднаслов „комедија“ и комбинира елементи од различни жанрови, од социјално ангажирана стенд-ап комедија до документарен реализам. Разоткривањето има клучно значење - искрена и интимна лична приказна на актерот, која судбински го одбележала неговиот живот и го стигматизирала.
Режисер на претставата е Матјаж Латин, костимограф: Мири Стрнад, избор на музика е на Матјаж Латин, уредник на звучни записи е Марко Јакопанец, дизајн на куклата е на Петер Шкерл, автор на извадок од бајка е Светлана Макарович, продуцент е Славко Шкворц, продукција Куд Борза, копродуценти Куклен театар Марибор и Друштво на параплегичари од Подравје.
Гостувањето на „Одбраната на сакатиот“ на сцената на Театар Комедија го овозможи Амбасадата на Република Словенија во Скопје