Фестивал за јапонска култура - Сакура фестивал ќе се одржи утре во Младинскиот културен центар (МКЦ), како заедничка прослава на културата инспирирана од Јапонија, по повод 30 годишнината на македонско-јапонските дипломатски односи. Фестивалот има богата програма која вклучува случувања од сите аспекти на културата, поп-културата и субкултурните текови.

Како што е најавено, на самото отворање на фестивалот, обраќање ќе имаат директорката на Директорат за билатерални односи со воневропски држави при МНР како и амбасадорот на Јапонија Оцука Казуја, кој подоцна ќе одржи мал концерт на класична гитара.

На агендата на фестивалот се три концерти од млади музичари, еден пијано концерт, лајв сет со амбиентална музика, балет инспириран од јапонски буто танц, три панел дискусии за јапонска култура и природа, архитектура и филм.

Од организацијата „Јапанетмк“ соопштија дека во рамките на фестивалот ќе се одржи и претставување на пет јапонски боречки вештини, две работилници, презентации и церемонија на чај, цртање во живо, две групни изложби, четири натпревари во гејминг, четири модни дизајнери, два ресторани со јапонска храна и над 15 излагачи на базар за изработки, аниме квиз, косплеј презентација, и мануелно принтање во живо.

-Овој фестивал е создаден со вклучување на заедницата и голем број млади луѓе, заедничко помагање и соработка на поединци, кои ја сакаат јапонската култура и имаат заедничка цел да ја унапредат нашата, велат организаторите.

Слоганот на ова издание на фестивалот „Расцути ја иднината“, што е поврзано и со самото име на фестивалот Сакура - црешов цвет, и повикува кон градење на поодржлива иднина за сите, за која треба да почнеме да работиме уште веднаш.

Мотото потекнува од јапонскиот израз „мотаиниа“ кој значи „немој да го трошиш она што е вредно“.

Од организацијата ги повикуваат сите кои ја сакаат оваа древна, но модерна култура, ја ценат општествената одговорност, се борат за повозвишена општа култура и сакаат иднина во склад со природата да го посетат утрешниот фестивал и да ја прослават убавината заедно



Автор: Администратор
Објавено на: 31/05/2024 18:30