Во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје денеска се одржува Фестивалот за јапонска култура - Сакура фестивал, како заедничка прослава на културата инспирирана од Јапонија, по повод 30 годишнината на македонско-јапонските дипломатски односи. Амбасадорот на Јапонија во Скопје Казуја Оцука на отворањето на фестивалот истакна дека културните настани го градат пријателството помеѓу нашите земји.

-Уметноста е најубавиот начин да се презентира комплексноста на една култура. Преку уметноста можеме да разбереме да искусиме, да научиме и да цениме различни култури, да научиме едни за други и да се зближиме, рече амбасадорот Оцука.

Пред скопјани тој на гитара изведе две композиции „Сакура“ и македонското „Елено ќерко Елено“.

Слоганот на ова издание на фестивалот „Расцути ја иднината“, што е поврзано и со самото име на фестивалот Сакура - црешов цвет, и повикува кон градење на поодржлива иднина за сите, за која треба да почнеме да работиме уште веднаш. Мотото потекнува од јапонскиот израз „мотаиниа“ кој значи „немој да го трошиш она што е вредно“.

Организатори на Фестивалот се граѓанското здружение „Јапанетмк“ со поддршка на Амбасадата на Јапонија. Програмата вклучува случувања од сите аспекти на културата, поп-културата и субкултурните текови, а тие ќе се случуваат во текот на целиот ден.

Пред влезот на Младинскиот културен центар неколку клубови од Скопје претставија пет јапонски боречки вештини и тоа аикидо, кендо, џудо, карате и чанбара, а во Киното Фросина се одржа панел - дискусија за природата во Јапонија, а беше прикажана и видео проекција за јапонска градина на Кирил Сториовски. На панел дискусијата учествуваа Јуко Сакаучи и проф. Ацуши Кобајаши.

Во текот на денот ќе се одржат две работилници, презентации и церемонија на чај, цртање во живо, две групни изложби, четири натпревари во гејминг, четири модни дизајнери, два ресторани со јапонска храна и над 15 излагачи на базар за изработки, аниме квиз, косплеј презентација, и мануелно принтање во живо.

На агендата на фестивалот се три концерти од млади музичари, еден пијано концерт, лајв сет со амбиентална музика, балет инсириран од јапонски буто танц, три панел дискусии за јапонска култура и природа, архитектура и филм.

-Овој фестивал е создаден со вклучување на заедницата и голем број млади луѓе, заедничко помагање и соработка на поединци, кои ја сакаат јапонската култура и имаат заедничка цел да ја унапредат нашата, велат организаторите.

Од организацијата ги повикуваат сите кои ја сакаат оваа древна, но модерна култура, ја ценат општествената одговорност, се борат за повозвишена општа култура и сакаат иднина во склад со природата да го посетат утрешниот фестивал и да ја прослават убавината заедно.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/06/2024 23:07