Тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти, го продолжи својот успех во Лигата на шампионите освојувајќи го рекордниот петти трофеј како менаџер, но призна дека Борусија Дортмунд ја вознемирила неговата екипа пред „белите“ да стигнат до победа од 2:0.
- Беше многу тешко, многу повеќе отколку што мислевме дека ќе биде. Во првото полувреме моравме многу да страдаме, пред вториот дел загубивме неколку топки, игравме подобро, но вечерва имаше мали детали. Победивме! Сонот продолжува!, изјави тој.
Борусија Дортмунд доминираше во првите 45 минути, но Дани Карвахал и Винисиус Јуниор му обезбедија победа на Реал по паузата.
- Во текот на првото полувреме не ми се допадна нивото на кое игравме. Ја губевме топката премногу често и секогаш бевме на погрешно место. Ја оставивме Борусија Дортмунд да игра како што сакаше, изјави Анчелоти.
Стручњакот, кој како менаџер го држи рекордот за најмногу одиграни финалиња во Лигата на шампионите (шест) и победи (пет), не изгледаше премногу загрижен за следната сезона.
- Ќе мораме да се прилагодиме на играчите кои ги имаме и да се обидеме максимално да ги подобриме нивните технички квалитети, како што секогаш правевме. Оваа сезона имавме многу проблеми, загубивме квалитетни играчи. Тоа го решивме со колективна самопожртвуваност. Не игравме секогаш на најдобар начин, но никогаш не се откажавме. Губам многу важен играч за нас во лицето на Тони Крос, но ќе го замениме на поинаков начин, коментира Анчелоти