Баерн Минхен не се откажува од идејата да го привлече офанзивниот играч за врска на Манчестер Јунајтед, Бруно Фернандеш, пренесува португалскиот печат.
Според „А Бола“ и „О Јого“, баварците стапиле во контакт со агентот на играчот, Мигел Пињо, а истото го направила и Барселона.
Баерн се распрашувал за условите на 29-годишниот играч на „црвените ѓаволи“, кој има договор со нив до 2026 година и во моментов се подготвува со репрезентацијата на Португалија за ЕП 2024. Многу е можно Германците наскоро да преземат конкретни чекори за можен трансфер на Фернандеш. Со Барселона ситуацијата е покомплицирана поради незавидната финансиска состојба на клубот, но Каталонците бараа информации и од агентот на Бруно.
Дури и поранешниот тренер на Баерн, Томас Тухел го посакуваше португалскиот играч за врска, а очигледно и откако тренерот не остана на „Алијанц Арената“, баварците не се откажале од интересот за играчот од средниот ред. Сепак, јасно е дека Манчестер Јунајтед не би се разделил лесно со својот капитен и сака да го задржи.
Бруно Фернандеш ја заврши својата петта сезона во Манчестер Јунајтед, за кој забележа 48 настапи, постигнувајќи 15 голови и 13 асистенции во 2023/24 година.