Португалскиот фудбалски стратег Жозе Мурињо (61) изминатата вечер доживеа спектакуларен пречек на стадионот „Улкер“ во Истанбул, каде пред илјадници воодушевени навивачи беше претставен како нов тренер на Фенербахче.
Мурињо беше без тренерски ангажман од јануари кога доби отказ од Рома.
Свеченото потпишување на договорот со трофејниот португалски тренер се одржа на стадионот на Фенер пред илјадници навивачи кои го скандираа неговото име и пееја навивачки песни.
„Вообичаено, тренерите се сакаат по победите, а во овој случај таа љубов веќе ја чувствувам и тоа е голема одговорност што ја чувствувам. Ви ветувам дека од овој момент припаѓам на ова семејство, овој дрес е мојата кожа“, рече Мурињо во своето обраќање до навивачите, мавтајќи со дресот на Фенербахче.
Мурињо ќе го замени Турчинот Исмаил Картал, со кого Фенербахче се раздели во петокот.
Мурињо, кој има освоено трофеи со клубови како Порто, Челзи, Интер, Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед, ќе има задача да му помогне на Фенербахче да ја освои првата шампионска титула од 2014 година.
Деталите од договорот меѓу Мурињо и Фенербахче не се соопштени