На сцената на Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов –Џинот“ вечер во 20 часот прв самостоен концерт ќе има велешкиот и афирмиран македонски кларинетист кој живее и твори во Шведска, Благој Ламњов, со музика од албумот „Носталгична љубов“. На концертот ќе настапи и Петер Тегнер од Шведска на гитара, а Ламњов најави и мали музички изненадувања со гости.

Во овој интимен концертен амбиент, македонско-шведскиот кларинетист Благој Ламњов ги поместува границите на инструментот кларинет, мешајќи го македонскиот фолклор со сензитивноста на западната класична музика. Под влијание на двата музички жанра, зачинет со префинета сензитивност, музичкиот стил на Благој ќе ви понуди концертно доживување полно со емоции, една подлабока средба со кларинетот, како и поблиска музичка слика за Македонија, создавајќи мост помеѓу стариот и модерниот свет.

Благој Ламњов е македонски кларинетист кој живее во Шведска. Препознатлив е по неговото исклучително емотивно музицирање и уникатен стил на изведба на македонска фолклорна музика.

Благој е класично образован кларинетист во Шведска, Америка и Македонија. Настапил во половина Европа, Кина, Јапонија, Америка и Канада. Во Шведска вообичаено е ангажиран во операта на Малме, некогаш и седум месеци во годината.

По овој концерт Благој Ламњов на 5 јуни ќе има солистички концерт и во Офицерскиот дом во Битола.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/06/2024 21:53