Кумановскиот театар утре со почеток во 18 часот ќе ја изведе новата детска претстава „Волшебникот од Оз“, информираа денеска од НУЦК „Трајко Прокопиев“.

Претстава ја режира Бојана Краљевска Стојков, а настапуваат актерите, Анастасија Величковиќ, Марко Трајковиќ, Александра Михајловска Величковски, Жарко Јовановиќ, Сања Русеска, Никица Јанковски.

- Очекуваме претставата добро да биде прифатена и ги покануваме децата заедно да ги откриеме тајните на зелениот свет кој ќе им го претставиме на сцената. Ним ќе им порачаме дека вистинското пријателство ги пробива најтешките и најкомплицираните граници и го победува најголемото зло, изјави режисерката.

Пораката која ја упатуваат актерите преку претставата е дека силното пријателство може да го победи секое зло. Претставата и претходно се играла на сцената на кумановскиот театар.

- Сепак, низ годините се менува публиката и секогаш е добро да се упати порака за важноста на вистинското, силно пријателство, кажа Краљевска.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/06/2024 17:51