„На средбата со мојот колега, министерот Стропницки се договоривме двете земји да продолжат да соработуваат и да разменуваат информации“, информираше министерот Јолевски. Мојот колега, додаде министерот, изрази задоволство од тоа како Република Македонија се справи со мигрантската криза и посочи дека можеме да сметаме на нивна поддршка и во иднина. Воедно министерот Јолевски посочи дека одблиску се следи состојбата и дека се развиваат соодветни стратегии кои ќе се стават во функција во зависност од развојот на состојбата со мигрантската криза.
Во однос на тоа, министерот Стропницки додаде дека е јасно дека Македонија е во комплицирана ситуација во однос на мигрантската криза и дека игра исклучително значајна улога. „Ние нема да ја оставиме Македонија сама во овој процес и доколку се појави нова ситуација ние сме подготвени да помогнеме“, рече Стропницки.
Министрите Јолевски и Стропницки разговараа и за евроатлантските интегративни процеси, при што министерот Јолевски истакна дека Македонија останува на своите стратегиски цели и на реформските зафати кои, порача, се добри и за Македонија во континуираните напори да има силна армија, но добри се и за процесот на стекнување полноправно членство во НАТО. Од Чешкиот министер, Република Македонија доби силна и недвосмислена поддршка за членство во Алијансата, додавајќи дека Чешка секогаш го промовира пристапот на пријателските земји кон НАТО и Европската Унија.
Инаку, на средбата помеѓу двајцата министри договорена беше и интензивна соработка во областа на военото образование и меѓусебно доделување стипендии за питомците на Воената академија во Македонија и на одбранбениот универзитет во Чешка, а помеѓу двете делегации беше потпишан и Планот за билатерална соработка за 2017 година.