Македонскиот национален комитет (МНК) на Синиот штит во соработка со Музејот на град Скопје и Здружението на ветерани и резервисти од одбраната и безбедноста на Република Северна Македонија денеска со форум одбележа 70 години од Хашката конвенција за заштита на културното наследство во случај на оружен судир.

По распаѓањето на СФРЈ, Конвенцијата во Република Македонија е во сила од април 1997 година, а МНК Синиот штит ја промовира и афирмира Хашката конвенција заради целосно имплементирање на сите нејзини постулати за кои се усогласиле земјите потписнички.

Зборувајќи за состојбата со спроведувањето на обврските од Конвенцијата во земјава, Оливера Џартовска-Тачевска од МНК Син штит рече дека „тоа е сведено на нормативно рамниште, и тоа делумно“ и „главно, добро сме покриени ако се гледа нормативна рамка“.

Во Законот за заштита на културното наследство е пропишана општа забрана за репресија, напад и користење на културното наследство во воени цели, а има и посебна глава за заштита на културното наследство во случај на оружен судир и природни непогоди.

-Нормативната рамка ја опфативме, но оперативната никаде ја нема. Ние до ден-денеска го немаме националниот инвентар за заштитени добра во случај на оружен судир... Ако се погледнат состојбите, особено во воениот конфликт од 2001 година, ќе видиме дека и покрај целата легислатива што е донесена, во реалноста и културното наследство беше цел на интерес, на напад на бес во тој судир, рече Џартовска-Тачевска.

Посочи дека Управата за заштита на културно наследство во последно време почнала поактивно да ги објавува монументите и центрите коишто влегуваат под подобар степен на заштита, како специјална и засилена.

-Тоа засега се монументи и недвижни културни добра. Што се однесува до движното културно наследство, сè уште нема ниедна валоризација согласно правилата односно степенувањето од Хашката конвенција, соопшти претставничката на МНК Син штит.

Земјите што ја ратификувале Хашката конвенција до УНЕСКО имаат доставено листи со недвижни културни добра (монументи и споменични центри) под специјална и посебна заштита, а куриозитет е Бугарија која, како што рече Џартовска-Тачевска, е единствена земја која степенувала и пријавила движно културно наследство под специјална заштита.

Конвенцијата за заштита на културното наследство во случај на оружен судир е усвоена на 14 мај 1954 година во Хаг, на Меѓународната конференција за заштита на културните добра во случај на оружен судир.

Била организирана од УНЕСКО и Кралството Холандија и присуствувале делегации на 56 од вкупно поканети 86 земји членки на УНЕСКО, меѓу кои и тогашната ФНРЈ.

Меѓународната Хашка конференција е усвоена во пресрет на десетгодишнината од завршувањето на Втората светска војна и следувала по девастирачките состојби на културното наследство по двете светски војни во 20 век.

Во Хашката конвенција првпат бил воведен терминот културни добра (движни и недвижни) што опфаќа широк опсег - од археолошки локалитети до уметнички дела и ракописи.

Организацијата Син штит е основана во 1996 и постоењето го има токму во Хашката конвенција од 1954 која предвидува специјализирана групација на луѓе кои би се залагале и дејствувале за заштита на културните добра - своевиден Црвен крст за културното наследство.

Македонскиот национален комитет на Син штит денеска, во рамки на одбележувањето на јубилејот од Хашката конвенција, потпиша Меморандум за соработка со Здружението на ветерани и резервисти од одбраната и безбедноста на Република Северна Македонија.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/06/2024 01:21