Во Драмски театар Пловдив, започнаа пробите за претставата „Без крв“ по истоимениот роман на Алесандро Барико. Претставата е дел од двегодишниот меѓународен проект „Манифест“ на велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ заедно со Драмскиот театар Пловдив.

Како што денеска информираат од велешкиот театар, текстот на претставата е на Александар Секулов, додека сценската адаптација и режија на Дијана Добрева. Премиерата на „Без крв“ ќе биде на 10 септември, годинава, на Интернационалниот театарски фестивал „Кросроудс“.

Во изведбата на претставата од нашиот театар настапуваат Васил Зафирчев, Ќети Борисовска, Исидор Јовановски и Филип Христовски, додека од колегите од Бугарија настапуваат Маргита Гошева, Тодор Дарлјанов, Константин Еленков, Патриција Пандева, Елена Кабасакалова, Кетрин Гачева, Симеон Алексиев, Красимир Василев, Георги Вачев и Златко Шарков, додаваат од велешкиот театар.

Во тимот се сценографот Валентин Светозарев, костимографите Раде Василев и Елена Вангеловска, композиторот Сашко Костов, а за музичкиот аранжман е одговорен Јавор Карагитлиев. Кореографијата е на Олга Панго, видео дизајн – Филип Коруновски.

Проектот се спроведува со поддршка на министерствата за култура на двете земји, Бугарскиот културно-информативен центар Скопје, како и Фондацијата Пловдив 2019 во рамките на програмата „Наследство 2023“.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/06/2024 01:23