Во Скопје денеска со придружната програма почнува книжевниот и творечки фестивал за деца и млади „YES фестивал! Млади европски приказни, млади креативци“ кој ќе трае до 15 јуни, а го организира издавачката куќа „Чудна шума“. Посетителите на фестивалот ги очекуваат многубројни и разновидни креативни работилници со домашни уметници и писатели, како и со гости писатели и илустратори од Словенија и Хрватска, промоции на книги за деца и млади на неколку издавачки куќи, изложба на илустрации од неколку македонски илустратори, саемски дел со изданијата кои ќе бидат промовирани на фестивалот и многу музика.
Организаторот информира дека придружната програма ќе трае од 6-ти до 15-ти јуни и ќе се одвива во книжарницата „Чудна шума“ и во повеќе објекти на ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“: централниот објект, библиотеката „Другарче“, библиотеката „Цветан Димов“ и библиотеката „Страшо Пинџур“, каде организирани креативни работилници за деца од градинки и основни училишта ќе одржат писателката Билјана С. Црвенковска и уметниците Доротеј Нешовски, Небуше Ајети и Наташа Костовска, како и гостите од Словенија и Хрватска - писателките Ива Безиновиќ-Хејдон и Ида Млакар Чрнич и илустраторите Хана Тинтор и Петер Шкерл.
Главната програма ќе се случува во Младинскиот културен центар од 12-ти до 15-ти јуни на неколку локации - надвор на платото, во долното и горното фоаје на кино „Фросина“ и во Детскиот креативен центар.
Писателката и главна уредничка на „Чудна шума“, Билјана Црвенковска, информира дека оваа е трета година како се одржува фестивал за деца и млади и досега имаат најбогата програма.
-Првпат ни доаѓаат гости автори од регионот, тоа се авторките на сликовницата 'Мојата бабичка не знае која сум' Ива Безиновиќ-Хејдон и Хана Тинтор од Хрватска и авторите на сликовницата 'Овде, во близина, живее едно девојче' Ида Млакар Чрнич и Петер Шкерл од Словенија, кои се познати и признаени автори за деца чии книги се наградувани и преведувани низ Европа и пошироко,информира Црвенковска
Промоцијата на овие две сликовници и гостувањето на авторите од Словенија и Хрватска е дел од тригодишниот проект „Млади европски приказни“ на издавачката куќа „Чудна шума“ за превод и циркулација на книжевни дела ко-финансиран од програмата Креативна Европа на Европската Унија. Фестивалот е делумно поддржан и од Министерството за култура на Р.С.Македонија.
Од ИК „Чудна шума“ најавуваат дека Покрај гостите, на фестивалот ќе имаат многубројни промоции на книги од домашни автори и креативни работилници со реномирани писатели и уметници. Ќе има и две трибини на тема - децата и возрасните, за музиката ќе биде задолжен Ненад Тонкин, а ќе се случи и промоцијата на книгата на Билјана Црвенковска „Земјата на заборавените сказни“, драмски текст напишан по идеја развиена заедно со Симон Трпчески, а ја илустрираше Оливер Коларевски.