Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ - Скопје се соочува со енормно зголемено количество градинарски отпад, што се одложува на јавни површини во скопската општина Карпош. Најчесто, во непосредна близина на контејнерите со зафатнина од 1,1 кубен метар и 3,2 кубни метри, што резултира со секојдневно создавање диви депонии, што директно влијаат врз загадувањето на животната околина во општината, се наведува во денешното соопштение на претпријатието.

Само во текот на мај, екипите на претпријатието отстраниле вкупно 150 кубни метри отпад од диви депонии на територијата на општина Карпош, составени претежно од градинарски отпад.

- Комуналниот отпад од колективните домувања, што жителите на оваа скопска општина го одлагаат во контејнерите поставени на јавни површини, се собира и транспортира без никаков застој, во согласност со динамиката утврдена со Оперативниот план за одржување на јавната чистота на подрачјето на Градот Скопје и Оперативната програма за собирање и транспортирање на комуналниот отпад од подрачјето на градот Скопје, пишува во соопштението.

Како што се посочува, екипите на претпријатието континуирано ја одржуваат и хигиената на близу шест милиони квадратни метри јавни и сообраќајни површини, што се во надлежност на Градот Скопје, преку секојдневно рачно и машинско метење и миење.

- Се спроведува машинско миење со автоцистерни на сите булевари и поголеми улици во градот, како и рачно миење, машинско и рачно метење на најфреквентните јавни површини - улицата „Македонија“, централниот плоштад „Македонија“ и помалите плоштади „Филип Втори“, „Мајка Тереза“, „Богородица“, Камениот мост, мостовите „Гоце Делчев“ и „Слобода“, пешачките мостови во централното градско подрачје, кејот „13 Ноември“, како и Старата скопска чаршија, се додава во соопштението.

Од претпријатието нагласуваат дека и понатаму продолжуваат на граѓаните да им ја нудат можноста, стариот мебел и неупотребливите електронски и електрични уреди, да ги одложат без плаќање надоместок во центрите за селекција во Карпош, секој ден во неделата од девет до 19 часот.

- На бесплатниот телефонски број 0800 222 33, корисниците може да ја нарачаат и услугата за преземање и транспорт на кабастиот отпад директно од нивните домови, со специјалните возила на „Комунална хигиена“, што се наплатува согласно однапред утврден ценовник, објавен на веб-страницата на претпријатието, наведуваат од „Комунална хигиена“.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/06/2024 12:42