Првиот македонски фестивал со детски театарски претстави почнува денеска во Кавадарци, во организација на Здружението на детски театри -Национален центар „АСИТЕЖ“, во соработка со Домот на култура „Иван Мазов – Климе“.
- На првиот Македонски „АСИТЕЖ“ фестивал - МАФ, ќе бидат одиграни пет детски театарски претстави во различна продукција од цела држава, појаснува режисерката Микица Илова.
Фестивалот ќе трае до 11 јуни, а на програмата се детски театарски претстави, театарски работилници и тркалезни маси.
Фестивалот почнува вечерва со „Убавицата и ѕверот“ во режија на Микица Илова, продукција на театарот при Домот на култура „Иван Мазов - Климе“ од Кавадарци. За утре е предвидена „Книголандија“ во режија на Кристина Атанасова Арсова, продукција - НУЦК „Ацо Шопов“ - Штип, а во недела, „На гости кај Кате и Фреда“ со режија на Јован Ристовски, продукција - „Бабец театар“ - Битола. Понеделник е резервиран за „Тоби“ во режија на Драгослав Тодоровиќ, продукција - НУ Театар за деца и младинци - Скопје, а вторник за „Свадби на животни и нешта“, продукција на Театар „Облаци и сенки“.
Во рамки на оф програмата на фестивалот, ќе биде одиграна и претставата за возрасни „8%“, во продукција на „Ато Центар“ - Битола, во недела.