Во Парк шума Гази Баба се одржа првиот фестивал посветен на грижата за женското здравје под мотото „Јас сум…”, организиран од Здружението на граѓани „Младите можат“.

Како што соопшти Здружението, главна цел на фестивалот одржан вчера беше да се поттикнат младите девојки и жени да преземат одговорност за нивното физичко и ментално здравје преку информиран избор и холистички практики на начин на живот.

-Настанот опфати партиципативни и интерактивни сесии дизајнирани да се осврнат на различни аспекти на здравјето и зајакнувањето на жените. Содржините на настанот беа фокусирани и базирани на потребите на жените и девојките, а во насока на подигнување на нивната свест за грижа за целокупното здравје, се наведува во соопштението од „Младите можат“.

Во рамки на настанот беа поставени неколку зони (за ментално здравје, за грижа за тело, за здрава исхрана, фитнес зона, детска зона) преку кои над 150 посетители од различни возрасти, жени, мажи и деца, имаа можност да се информираат, да учествуваат на интерактивни работилници, да се забавуваат и вмрежуваат.

Настанот почна со монодрама за улогата на жената во нашето општество, а заврши со рекреативно вежбање и трка за родители и деца, соопшти организаторот.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/06/2024 14:21