Македонската фудбалска репрезентација загуби од Чешка на гостински терен со 2-1 (0-0) во пријателски натпревар одигран вечерва во Храдец Кралове.

Чешка, која се подготвува за настап на претстојното Европско првенство, целосно доминираше на теренот во првите 45 минути, но во предност дојде по еден час игра кога Шик го совлада Димитриевски од пенал.

Македонија ја анулираше негативата само пет минути подоцна преку Алими, откако во истата акција претходно Трајковски ја погоди стативата.

До крајот на средбата Чепка дојде до победата со уште еден гол од пенал, кој во деветтата минута од судиското продолжение го реализираше Барак.

Во првиот од двата јунски пријателски натпревари против селекции кои се подготвуваат за настап на Европското првенство во Германија, избраниците на селекторот Благоја Милевски беа поразени пред една недела од Хрватска во Риека со 3-0.

За македонската репрезентација, пак, дуелите против Чешка и Хрватска беа подготовка за настапот во Лигата на нации во која во септември, октомври и ноември ја очекуваат пресметките со Ерменија, Фарски Острови и Летонија.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/06/2024 03:07