Кошаркарите на Реал Мадрид ја совладаа Мурсија во вториот финален натпревар од плејофот на АЦБ лигата (водат со 2:0), но дуелот се одигра во знакот на Руди Фернандез, кој официјално се прости пред своите навивачи во „ВиЗинк Арената“. И со стил - постигна 14 поени, од кои четири тројки.
Тренерот Ќус Матео го замени Руди со Серхио Љуљ на минута и пол пред крајот, а од тој момент од трибините 20 минути одекнуваа аплаузи и овации во чест на 39-годишниот ас кој најави заминување на крајот од сезона на неговиот роденден на 4 април.
Навивачите на Реал не се сеќаваат дека некогаш некому му оддале ваква почит за се што направил за клубот. Со крпа и солзи во очите одличниот играч доби подароци и од клубот и од навивачките групи. Дури и неговите деца излегоа на терен за историското збогување.
-Ова не завршува тука. Остана уште најмалку еден натпревар и многу ја почитуваме Мурсија. Има многу емоции во овој момент. Дадов се за овој клуб, а ова признание за тоа е неверојатно, изјави Фернандез.
Руди Фернандез пристигна во Реал во сезоната 2011/12 за да одигра неколку натпревари поради локаутот во НБА, а следната се врати и остана до денес.
-Тогаш ја донесов најдобрата одлука во кариерата, додаде Руди, заблагодарувајќи им се на сите.
Со Мадрид освои 26 трофеи: три Евролиги, шест титули во АЦБ лигата, седум Копа дел Реј, девет Суперкупа, една Интерконтинентална титула. И очекува 27. трофеј и седма круна да стави крај на блескавата кариера.
Ќе видиме дали ќе одигра уште еден, два или три натпревари пред да се пензионира во следните неколку дена