Новиот роман на писателот Владо Јаневски, „Кој го уби Едгар Алан По“ беше промовиран во кафе-книжарницата „Буква“ и веќе може да се најде во книжарницата „Или – Или“ . За романот зборуваше писателката Анета Тасова, а извадоци од романот читаше поетесата Емилија Тодорова. Авторот Јаневски пред публиката го претстави издавачот Ненад Стевовиќ.

Се работи за роман лавиринт во кој се испреплетени минатото и сегашноста во мистериозна атмосфера како излезена од досега необјавен ракопис на Кафка. Главниот јунак, писателот Феликс Рејнолдс барајќи го својот изгубен брат открива делови од неговиот трауматичен и необичен живот. Феликс чувствува потреба да сподели дел од она што го измачува и бара помош од психијатарот Груми Блум. Нивните разговори се одвиваат во замок кој доминира над градот каде што живее Феликс и се чини дека со замокот и со нивната земја владеат мистериозни луѓе во црно, познати како „кафкависти“.

Рецезентката Анета Тасова појасни дека романот фрла сенка врз смртта на еден од најпознатите американски писатели, преку жесток испреплетен судир помеѓу имагинацијата, интелигенцијата, реалноста, филозофијата, природното и она што можеби личи на природно, како и она што луѓето го викаат лудило, но всушност е само постојано бегање од животот и борба со смртта.

Писателот Јаневски на промоцијата доби и неколку прашања поврзани со неговиот роман. меѓу кои и Зошто токму Едгар Алан По?

Тој појасни дека одговорот на ова прашање дека насловот на прв поглед може да сугерира дека се работи за детективски роман, патем и самиот Едгар се смета за татко на детективските романи, но во случајов се работи за психолошки роман сместен во една магична реалност, којашто неретко се превртува наопаку, особено за главниот јунак кој, за да може да функционира во една таква превртена реалност, мора да носи специјални очила за да го гледа светот нормално. Читателот во романот ќе дознае повеќе за тајната на тие очила, за дел од оставнината на Кафка, за сличноста меѓу овие двајца великани на книжевноста и за нивната присутност, најпрвин во главата на дедото на Феликс и подоцна во животот, во романот и во ликовните дела на Феликс.

- Една од главните нишки во романот е и обидот да се види што ќе се случи по речиси два века од смртта на Едгар ако некој реши да го најде неговиот убиец и колку тој да е мистериозен, па дури и ако таквиот не постои. Со помош и на ситуации како излезени од некој роман на Кафка, сакав да покажам колку може да биде силна и заслепена машинеријата на еден тоталитарен систем, во случајов поттикнат од едно мало тркалце кое допринесува да започне навидум бизарен процес и сето тоа да заврши со нечија осуда. Но зарем навистина може да има виновник, по толку голема временска дистанца од времето кога Едгар мистериозно завршува? Веројатно сѐ е можно кога се работи за општество во кое луѓето повеќе сакаат сензации по секоја цена, кога се просто жедни и гладни за нив,појасни Јаневски..

Владо Јаневски е писател и сликар. Роден е во Прострање, Македонија. Детството го поминал во Велмевци и во Битола каде што завршил гимназија, високо образование стекнал на УКИМ во Скопје. Од 1989 година живее во Сиднеј, Австралија и честопати патува по светот (престојувал во шеесетина земји). Член е на Друштвото на писателите на Македонија.

Автор е на романите за возрасни: „Кој го уби Едгар Алан По“ (Или-или, Скопје), „Смртта не е крај“ (Арс Ламина, Скопје), „Мртвите знаат најдобро“ (Арс Ламина, Скопје – награда Пегаз за најдобар роман во 2020 г.), „Чудо зад аголот“ (Магор, Скопје), „Под друга капа“ (Магор, Скопје), „Made in Jabana“ (Слово, Скопје); поетската збирка: „На грбот на неповратот“ (Агенција за иселеништво, Скопје); збирката наградувани раскази: „Нема враќање“ (Студентски Збор, Скопје). Филмско сценарио „Под друга капа“ (награда за најдобро сценарио за долгометражен игран филм на Меѓународниот фестивал на филмски сценарија „Скрипт фест“ во 2021 г.) Автор е на следниве книги за деца: „Палавковците Влатко и Емче“ (Стрип-Квадрат, Скопје), „Луѓето и змејовите“ (Арс Ламина, Скопје – наградена бајка).

Во моментот во весникот „Нова Македонија“ редовно се објавува неговиот стрип „Палавковците Влатко и Емче“ во рубриката „Колибри“. Се појавува и како ко-автор во книгите за деца: „Нови бајки од Македонија“ (Арс Ламина, Скопје), „Детелинки Белинки“ (Арс Ламина, Скопје) и други. Со проза и поезија е застапен во повеќе антологии и списанија за култура. Се занимава и со сликарство, учествувал на ликовни колонии во Македонија. Неговите слики се дел од приватни колекции во повеќе земји во светот. Добитник е и на наградата „Македонски корени“ за постигнувања во литературното и ликовното творештво, доделена на Меѓународниот фестивал „Книжевен круг“ 2024



Автор: Администратор
Објавено на: 12/06/2024 11:32