Претставата „Црна дупка“ во режија на Љупчо Ѓоргиевски на Театарот „Антон Панов“ од Струмица ја освои наградата за уметничко остварување во целина на 58. МТФ „Војдан Чернодрински“. Наградите на денешната прес-конференцијата ги соопшти меѓународното жири во состав Марина Миливојевиќ-Маѓарев, претседател, Марина Катниќ Бакаршиќ и Варја Ѓукиќ, членови.

Струмичката претстава доби уште две награди: за главна машка улога за Васил Михаил за улогата на Силјан и за женска епизодна за Анкица Бенинова за улогата на Сања.

Претседателката на жирито, Марина Миливојевиќ-Маѓарев истакна дека претставата „Црна дупка“ има хармоничен однос кон сите елементи на претставата.

-Сценографијата одговара на стилот на претставата, глумата е усогласена со стилот, режијата е јасна, но не е наметлива. Значајно е тоа што актерите беа многу професионални и не им влијаеа техничките проблеми што ги имаа. Тие многу одлучно ја водеа својата претстава. Тие покажаа дека ја сакаат својата претстава. И многу е важно да се посочи дека играа дело според авторот во фокус, Горан Стефановски, рече Миливојевиќ-Маѓарев.

Претставата на МНТ, „Иванов“ од Чехов, во режија на Зоја Бузалковска, освои седум награди и тоа за рекламен материјал на Зоран Кардула, за кореографија и сценски движења на Александар Зарапчиев, инструктор за техника на качување и движење на карпа и на Нина Деан.

За најдобра сценографија наградени се Илина Ангеловска, Тодор Дајевски и Зоја Бузалковска. Наградата за машка епизодна улога „Димче Трајковски“ ја доби Ѓорѓи Јолевски за улогата на Лебедев, актерката Дарја Ризова е добитник на наградата за главна женска улога, за улогата на Саша, а Григор Јовановски е добитник на наградата за млад актер „Трајко Чоревски“ за улогата на Љвов во претставата. Режисерката на претставата „Иванов“, Зоја Бузалковска ја доби наградата за најдобра режија на Фестивалот.

Жирито ги додели и наградите за најдобра музика за Ристо Вртев за музиката во претставата на прилепскиот театар „Дупло дно“, за најдобра костимографија се наградени Симон Мачабели и Раде Василев за претставата „Едвард Втори“, копродукција на велешкиот и на театарот „Масалитинов“ од Пловдив, Бугарија. Претставата на Театарот за деца и младинци „Франкештајн“ ја доби наградата за современа сценска драматизација и адаптација, а додека пак наградата за современ драмски текст не се доделува. Јована Миладиновска е добитник на наградата за млада актерка за улогата на Изабел де Валоа во претставата „Едвард втори“.

Жирито додели и специјално признание за колективна актерска игра на ансамблот на претставата „На дното“ од Максим Горки, во режија на Ќендрим Ријани од Народен театар Битола.

Актерката и член на жирито Варја Ѓукиќ, во име на тричленото жири го изрази задоволството поради можноста да видат разновидни театарски поетики и жанрови што покажува богатство на продукцијата на современиот театар во Македонија.

-Посебно сакаме да го нагласиме големиот број актерски креации на сите генерации актерки и актери. Значајна вредност на фестивалот е инспиративниот театарски амбиент, каде клучен придонес даде публиката. Се заблагодаруваме на целата организација која ни овозможи ваков театарски настан, а посебно тука ги истакнуваме волонтерките и волонтерите, изјави Ѓукиќ.

Вечер на сцената во Центарот за култура „Марко Цепенков“ од 19:30 часот свеќено ќе им бидат доделени наградите на наградените, а ќе се знае и која претставаа беше најдобра според публиката која годинава имаше можност да гласа. Во чест на наградените концерт ќе одржат Добрила и Дориан дуо со што ќе заврши 58. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ на кој беа прикажани 11 претстави во официјалната, уште 5 во придружната програма, повеќе промоции, работилници, разговори за одиграните претстави, Театар за деца, а автор во фокусот беше Горан Стефановски. Годинашниов фестивал се одржуваше од 7 до 14 јуни под мотото „Промени се, промени сѐ“.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/06/2024 16:58