Депресијата може да придонесе за губење на помнењето и обратно, открива ново истражување коешто следело речиси 8.200 Британци во текот на две десетлетија.

Научниците открија дека „линеарната промена во депресивните симптоми води кон забрзано губење на меморијата“ кај испитаниците постари од 50 години. Нивната просечна возраст е 64 години. Но, не само што депресијата влијае на памтењето, туку и обратното е точно, заклучија научниците во написот објавен од Американското медицинско здружение. Тимот вклучуваше научници и лекари од британскиот Универзитетски колеџ во Лондон, Медицинскиот центар на Универзитетот во Рочестер и Медицинскиот факултет во Сасекс.

„Побрзата промена во помнењето и заборавањето е исто така реципрочно поврзана со брза промена на симптомите на депресија со текот на времето. Психолошкото расположение и помнењето се суштински поврзани“, тврдат компетентните научници.

Натаму се истакнува и дека, иако когнитивната дисфункција и претходно е поврзувана со депресијата, „насоката на таа врска“ сѐ уште не е јасно дефинирана.

Учесниците во испитувањата беа испрашувани секоја втора година од 2002. до 2019 година, со тестови за запомнување и течно говорење, како и проценки на симптомите на депресија според Центарот за епидемиолошки студии.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/06/2024 03:28