Стружани го знаат како професор по биологија, учениците како квалитетен наставник, кој освен што стручно го пренесува своето знаење, успешен е и во правење филигрански накит. Нестор Јаулески образовната мисија ја остварува правејќи комбинација на професионалност и креативност, човек, кој ненаметливо со своите вешти раце, создава уникатни прстени, ланчиња, обетки, белегзии...

Годините не се пречка за учење и остварување на желбите

Иако е професор по биологија, Јаулески е вистински почитувач на старата македонска традиција и со својата желба и умешност докажува дека годините не се пречка да се учи нешто ново.

- Растев во средина каде традицијата во однос на облекувањето и носењето на накит можеби се задржала најдолго во Македонија, а со тоа и лично да ги знам последните мајстори кувенџии во градот и нивните прекрасни изработки. Мислам дека несвесно бев фасциниран генерално од нашата традиција, а изработката на накит дојде како дел од сето тоа. За жал мајсторите во Струга и Охрид веќе беа во години и не можеа да ме обучуваат па техниката на филигран ја учев на мои 45 години во Скопје, во Дом на занаетчиите, како дел од програмата за едукација на возрасни. Некои финеси ми ги покажа и г-дин Виктор Коркутоски за што сум му благодарен, итакнува Јаулески.

Човек, вели, треба да има волја, желба, трпение и секако треба да проба да си ги реализира соништата. Ги охрабрува сите, кои имаат желба да ја реализираат без да се откажуваат.

Восхитот кај луѓето мотив да создава нови креации

Изработката на филигран, според Јаулески, е макотрпна работа, почнувајќи од топењето на среброто, изработката на разни профили жици, леење, полирање на производите, патинирање и слично. Но, тоа што луѓето знаат да ја ценат рачната изработка, и восхитот на неговите дела му дава поголем мотив да создава нови креации.

- Ме радува што има луѓе кои се подготвени да дадат поддршка на локалните бизниси, особено меѓу младите. Ме радува и тоа што се повеќе се охрабруваат да почнат со нови интересни идеи многу често успешни, соработката на локалните креативци исто е инспиративна. Сето тоа дава малку надеж дека се случуваат позитивни промени во свеста на граѓаните, нагласува нашиот соговорник.

Старите македонски изработки инспирација за креациите

Инспирација за мотивите и формите на накитот наоѓа во изработките на старите македонски мајстори, но и кај новите филигранисти. Спојот на традицијата и новите глобални трендови, вели, може да биде убав начин да се задоволат сите вкусови.

- Изработките на нашите стари мајстори се волшебни и треба да се гордееме со нив. И кај новите генерации на филигранисти има одлични мајстори, кои си имаат изградено свој препознатлив стил на работа. Инспирацијата доаѓа од секаде, природата околу нас, цветови, птици, инсекти, народниот вез, секако интернетот, социјалните мрежи, телевизија... Нема ништо лошо во прифаќање на глобалните трендови, но тоа не треба да биде по цена на откажување од нашата традиција, потенцира Јаулески.

Клучот за успех, според него, е искрената посветеност, упорноста и умешноста да сонуваме.

Слаѓана Стојкова Костоски



Автор: Администратор
Објавено на: 16/06/2024 21:57