Документарна емисија насловена „Делата живеат вечно“, која е посветена на животот и делото на професорот Ѓорѓи Марјановиќ беше прикажана премиерно на 15 јуни на Македонската Радио Телевизија (МРТ).
Оваа емисија, која ги истакнува придонесите на професорот Марјановиќ и неговата визија за државава како пристојно место за живеење, вклучува изјави и спомени од неговиот син Александар Марјановиќ, основач на фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ. Покрај него, свои сеќавања споделија и професорите Јасна Бачовска Недиќ, Владимир Петрушевски Фили, Гордан Калајџиев и Бранко Секулоски.
Од Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ соопштија дека дополнително, во емисијата се вклучени и делови од говорите на претседателката и професорка на Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје, Гордана Силјановска Давкова, како и поранешниот министер за надворешни работи Никола Димитров, претседателката на Македонија2025, Никица Мојсоска Блажевски и новинарот Бранко Геровски, кои на неодамнешната конференција „Разговори со Ѓорѓи Марјановиќ“ ги изнесоа своите ставови и размислувања за тоа како може државата да стане пристојно место за живеење.
Емисијата е продуцирана од Македонската радио телевизија, а автор е Мимица Папазова-Наумоска.