„За убави маалски дружби“, Општина Центар доби нов сквер како донација од Стопанска банка - АД Скопје. Скверот е пред платото на Општина Центар на аголот од ул. „Михаил Цоков “ и ул. „Орце Николов“ и вклучува футуристичка инсталација т.н. „урбан атрактор“. Оваа урбана инсталација на платформи со неправилни облици, клупи, декоративно зеленило и паркинг за велосипеди се протега на површина од 56 метри квадратни. Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски и претставници од Стопанска банка го отворија новиот сквер порачувајќи дека ова катче ќе го оживее просторот и ќе биде ново збирно место за одмор и дружба.
„Ме радува што Дебар Маало добива нов сквер каде граѓаните и останатите минувачи ќе може да одморат. Овде има и паркинзи за велосипеди, па е одлично место за мала пауза од возењето или додека ги завршуваат обврските во околината. Слоганот „За убави маалски дружби“ доволно кажува дека скверот е ново место за дружење и социјализација и во вечерните часови, бидејќи ќе биде осветлен. Се надевам дека граѓаните и младите ќе го чуваат, со цел да го имаме и користиме сите ние подолго време“ вели Герасимовски.
Маалските дружби ја негуваат поврзаноста меѓу домот и соседите рекоа од Стопанска банка. Токму ова е и инспирација за нивната донација.
„Маалото е институција која треба да се негува, а маалските дружби играат голема улога за поголема приврзаност со домот и со соседите. Инспирацијата за оваа невообичаена урбана скулптура и сквер доаѓа од нашата традиција, веќе 80 години заедно да ја испишуваме најубавата приказна – ДОМА. Благодарни сме на Општина Центар за остварената соработка со нашиот тим како и на архитектонското студио за ова впечатливо здание“, изјави г. Бојан Стојаноски, Генерален директор за управување со ризици и Член на управниот одбор при Стопанска банка АД – Скопје.
Општина Центар ќе продолжи да ги негува позитивните соработки со општествено одговорните компании и ќе работи на нови естетски уредувања и нови проекти за граѓаните. Воедно општината упатува благодарност за донацијата која е навистина ново футуристичко урбано издание кое го збогатува Центар.