Светскиот ден на бегалците, меѓународен ден организиран секоја година на 20 јуни од страна на Обединетите нации, годинава го одбележуваме со рекордна бројка на присилно раселување во светот. Извештајот за глобалните трендови од 2024 година покажува дека 12-та година по ред се зголемува бројот на раселени лица, а конфликтите од Судан до Газа и Мјанмар создаваат ново раселување кое бара итна акција. Околу овие бројки, состојбата и препораките за решенија во МИА интервју разговараме со Габриел Гуалано де Годој, претставник на Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации – УНХЦР во Република Северна Македонија.
Годој вели дека ова е тажен светски рекорд кој апелира на посилно здружување за поголема заштита на бегалците низ светот.
- До декември 2023, државите изјавиле дека повеќе од 117 милиони лица биле присилно раселени. Ова значи дека 1,5 проценти од човештвото е принудено да ги напушти своите домови како последица на грубо кршење на човековите права. Ова е светски рекорд, но и тажен рекорд. Го одбележуваме Светскиот ден на бегалците за да повикаме на посилно здружување за да пружиме заштита на бегалците низ светот, вели тој.
Според него, главните причини за ова се актуелни, стари и нови конфликти во кои е тешко да се адресираат главните причинители на војна, како и немањето волја да се сподели одговорноста, и воедно, тие претставуваат главни аспекти кои го отежнуваат тоа да нема повеќе бегалци.
- Ситуацијата во главните земји како Авганистан, Сирија, Украина, но и Сомалија, Конго, во поскоро време и Судан, Палестина – ова се земјите кои се потенцирани во извештајот на „Глобални трендови“. На пример, има повеќе од 10 милиони лица во Судан кои морале да заминат. Ако помислиме на конфликтот во Газа во државата Палестина, 80 проценти од Палестинците се внатрешно раселени како последица на грубото прекршување што се случува таму, појаснува Годој.
Најголемиот број од овие лица, според Извештајот, се присилени да бегаат во соседните земји. Годој вели дека 69 проценти наоѓаат безбедно прибежиште во земјите кои се до нивната земја на потекло.
- Ова значи дека можеме да најдеме бегалци блиску до земјите кои што ги наброив од каде произлегува огромен дел од популацијата која е присилно раселена. Исто така, потребата да се најдат решенија на друго место се зголемува. Секоја земја може да биде земја на азил и затоа е важно да се размислува за научените лекции од овој процес и што може да се направи за да се најдат повеќе подобри решенија за бегалците. Тоа се лица кои треба да бидат добредојдени. Тоа не е само морален императив, туку и меѓународна обврска, нагласува тој.
Во Северна Македонија 106 барања за азил од 2024 година чекаат одлука од институциите
Конвенцијата за бегалци од 1951 е дизајнирана да ги заштити бегалците и барателите на азил, а УНХЦР е Агенцијата која ги поддржува бегалците низ светот и ги поддржува земјите-домаќини како и заедниците-домаќини да се осигура дека лицата кои бегаат од војна ќе имаат можност да започнат нов живот на безбедно во други земји. Северна Македонија се обврза на оваа Конвенцијата пред 30 години, во 1994.
Во однос на ситуацијата во нашата држава, Годој вели дека Северна Македонија била сведок на раселена популација во минатото и многу македонски семејства ги виделе последиците на војна и конфликт.
- Денеска, имаме друга ситуација. Минатата година, 602 барања за азил биле поднесени, а оваа година 106 барања за азил чекаат одлука од Министерството за внатрешни работи и секторот за азил. Нашата агенција ја поддржува Владата, Секторот за азил, има тесна соработка со здруженијата на адвокати и невладините организации за да се осигура дека барателите на азил и бегалците имаат пристап до правна помош, обезбедува превод и толкување како и за време на процесот за нивна интеграција, вели тој.
Дополнува дека е важно да се обрне внимание на другите форми на заштита кои се достапни како што се супсидијарна заштита и привремена заштита за украинските бегалци, што, според него, е многу важно бидејќи во нашата земја има украински бегалци кои примаат привремена заштита.
- Овие аспекти се многу важни, да се осигураме дека имаат правен статус, можноста да се има пристап до права, заштита и да се стане дел од општеството, повторно да си ги изградат своите животи, како и безбедноста, додека не се стави крај на војната, нагласува Годој.
Тој вели дека УНХЦР може да ја поддржи Северна Македонија во две главни цели, зајакнување на правото на азил и правата во тој систем.
- Можно е да се зајакне системот на азил за да има подобра стапка на признавање на случаите на кои им треба меѓународна заштита. Исто така, треба да се обезбедат правата на бегалците, не само правото на азил туку и социо-економските права кои се дел од меѓународната заштита. Тоа значи дека постарите деца треба да одат на училиште, да имаат пристап кон здравствениот систем, легални документи, да можат да отворат сметки во банки и да бидат дел од пазарот на трудот со што ќе може да плаќаат данок и да придонесуваат кон локалната економија, вели тој.
Во однос на прашањето дали овој процес функционира добро во земјава, тој набројува дека соработуваат со Владата и повеќе сектори од академската фела како и невладини организации, но, треба да се обезбедат повеќе сојузници од приватниот сектор.
Посочува дека нашата држава се обврзала до 2027 да го поддржи и зајакне системот за азил, што, според него, е многу важна мерка која ќе го направи системот поправеден и поефикасен.
- Земјата, исто така, почна да работи на инфраструктурата за подобра локална интеграција на бегалците, да го усогласува законодавството, пристапот до едукација, здравство, социјално-економски права, вклучувајќи го и правото на работа за барателите на азил и мигрантите. Пристап до тие права може да биде ефикасен и навремен. Во моментов, на барателите на азил им требаат многу месеци за да можат да уживаат во правото на работа. Секако дека тие ветувања се многу важни, бидејќи тие ги поставуваат очекувањата, но со остварливи цели. Мислам дека таа цел може да се постигне со посилен сојуз за заштита и да се вклучат мигрантите, вели тој.
Професионалното новинарство сојузник во заштитата на бегалците
Канцеларијата на високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации УНХЦР, заедно со Македонското здружение на млади правници и Здружение на новинарите на Македонија – ЗНМ десет години по ред доделува награди за професионално известување за состојбата на бегалците и лицата без државјанство во Република Северна Македонија.
На прашање колку професионалното известување помага во заштитата на бегалците, Годој вели дека новинарите се нивни сојузници и добро е што тие не известуваат само за бројките, туку и за личните приказни што стојат зад нив.
- Ваквите приказни ни помагаат да остваруваме напредок, да го признаеме тоа и напорите МВР и МНР, граѓанскиот регистар, но, исто така, и да ја истакнеме пошироката цел да не оставиме никого зад себе, почнувајќи од лицата без државјанство и бегалците, вели претставникот на УНХЦР во земјава.
Прекинот на војните и дијалогот на оваа тема клучни за подобрување на состојбите
Годој вели дека мирот и стабилноста се неопходни за бегалците на светот. Прекинот на огнот и меѓународниот дијалог на оваа тема ги посочува како клучни фактори за подобрување на состојбите. Тој ги повикува граѓанските организации, академската фела и приватниот сектор да се придружат кон целта со која ќе се создаде план за акција и дизајнирана тура од очајност до надеж.
Неговите очекувања во врска со неговата работа во Северна Македонија, се земјата да стане пример во однос на почитување на правото за азил, подобрување на стапката на признавање на оние кои заслужуваат меѓународна заштита, и достапност кон правата на барателите на азил.
- Тоа значи дека би сакале повеќе деца да се приклучат на образовниот систем, да имаат пристап до високо образование, да станат дел од неформалниот пазар на труд и активната економија. Верувам дека бегалците претставуваат додадена вредност за економијата, дека нашата мрежа на сојузници ќе ја поддржи новата влада во остварувањето на тие цели и краткорочни мерки кои можат да се веднаш да се спроведат, вели тој.
Како што дополнува, едно решение е давање привремена заштита на украински бегалци, мерка која е во сила, но истекува во август.
- Би сакале новата влада да ја продолжи привремената заштита, како што направија и другите европски земји. Ова е конфликт кој најмногу влијае на нашиот континент. Секако, постојат и други конфликти. Ако се фокусираме на барателите на азил овде ќе видиме дека доаѓаат од земји во конфликти како што се Авганистан и Сирија. Бегалците се луѓе, како мене и тебе, и заслужуваат да бидат добредојдени со отворени врати. Многу е важно да се зборува за таа ситуација, за да можеме да разбереме што значи да се биде бегалец и дека постојат можности да се справиме со ситуацијата, дека земјата домаќин не е сама, дека владата не е сама, вели тој.
Годој се надева дека преку соработката ќе бидат постигнати позитивни резултати како што беше решавањето на случаите со бездржавјанство.
- Оваа земја претходно имаше 800 случаи, а денес само 194. Затоа, очекуваме дека овие последни случаи ќе бидат решени и тогаш земјата ќе биде глобално позиционирана како една од првите нации кои ја оствариле нашата кампања „Јас припаѓам“ на прогресивно движење кон нула за лицата без државјанство, потенцира претставникот на УНХЦР.
Ангела Рајчевска