Кошаркарската Евролига од сезоната 2025/26 ќе има 20 наместо 18 клуба, А лиценца ќе добијат уште два-три клуба, а ќе се воведе и „селери кап“, односно максимална сума пари што еден клуб може да ја потроши за платите на играчите и тренерите во една сезона, објави „Газета“.

Грчкиот весник тврди дека ова е последна сезона со 18 клубови, од кои 13 се носители на лиценца. Од следната сезона ќе учествуваат 20 клубови, а се додава дека лиценца ќе имаат 15 или 16 клубови.

Моментално лиценци имаат Реал, Барселона, Басконија, Ефес, Фенербахче, Олимпијакос, Панатинаикос, Жалгирис, Макаби, Милано, Баерн и Асвел, како и ЦСКА Москва, која е суспендирана до понатамошно известување поради воениот конфликт во Украина.

Не се споменува кои два или три клуба се уште би можеле да добијат долгорочни лиценци за учество во елитното натпреварување.

Изданието посочува дека се размислува за промена на системот на натпреварување, иако останува отворена можноста да продолжи да се игра според регуларниот тек како досега, само што наместо досегашните 34 кола, би се играле 38 кола.

Друга опција е да се поделат клубовите на две дивизии со по 10 клуба, по примерот на НБА лигата, за да не се зголеми бројот на натпревари во регуларниот тек.

Планирано е да се постави „селери кап“ на 12 милиони евра по сезона, колку што смеат да бидат вкупните плати на играчите и тренерите.

Исто така, ќе се постави услов за минимален буџет кој нема да биде помал од седум милиони евра.

„Газета“ истакнува дека засега тоа се само идеи на челниците на Евролигата и дека во наредниот период со клубовите ќе се разговара за имплементација на промени во натпреварувањето почнувајќи од следната сезона.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/06/2024 05:31