Од Здружението за одржлив развој и заштита на животната средина „Гоу Грин“- Скопје денеска соопштија дека ја поздравуваат идејата за воспоставување на градски железнички превоз во главниот град, посочувајќи дека треба да се земат в предвид и велосипедистите и лицата со посебни потреби.
-Железничкиот градски превоз е докажано еколошко транспортно решение во борбата против климатските промени. Преку него се намалува зависноста од приватните автомобили, потребата од широки булевари и огромни паркинзи, нуди сигурен и доверлив висококапацитативен транпорт на луѓе низ градот, но и неговите крајни дестинации и предградија, велат од Здружението.
Како што посочуваат, во интерес на борбата против климатските промени се надеваат оти во најавената физибилити студија од страна на министерот за транспорт и врски, Александар Николовски ќе бидат земени предвид сите типови на патници, како што се прави во развиените европски и светски градови.
-Бидејќи е најавено дека ќе се проверат и самите железнички станици и ќе се направи анализа дали треба да се направат нови, сметаме дека треба да се провери и пристапноста на самите станици. Во Скопје има голем број на лица кои се движат со помош на колички (инвалидски, бебешки) и круцијално е да им се понуди безбеден пристап во возовите, велат во соопштението.
Дополнително, потенцираат, од огромна важност е да се овозможи мултимодален транспорт (транспорт на велоспеди во возовите) и да се размислува за интермодален транспорт (можност за изнајмување на велосипеди на железничките станици, поврзаност со автобускиот транспорт/БРТ преку делење постојки, Park & Ride систем).
Овие решенија, како што велат, им овозможуваат на патниците кои живеат над пет километри од крајната дестинација да се движат со воз до најблиската станица и потоа со велосипед до крајната дестинација.
-Преку овие решенија огромен број од граѓаните ќе имаат можности да се движат безбедно и брзо низ градот, а со тоа да се намали потребата од автомобили и асфалт. Во оваа цел „Гоу Грин“ им стои на располагање на Министерството за транспорт и врски за понатамошна соработка и смета дека граѓанскиот сектор мора да биде вклучен во сите наредни чекори, соопштија од Здружението.