Во Албанија не престануваат реакциите околу пописните резултати, посебно во однос на бројот на населението и етничката припадност.

Лидерот на Демократската партија (ДП) Сали Бериша, кој по одлуката на судот да му се врати правото на печат и логото, повторно е на чело на најголемата опозициска партија, го обвини актуелниот премиер Еди Рама дека за време на неговото владеење од земјата избркал 40 отсто од населението и оти прикажаната бројка од нешто над 2,4 милиони жители е чиста манипулација.

- Ова го велам затоа што деновиве вистинската статистика на Институтот за статистика на ЕУ, статистиката на САД и Велика Британија се соочува со статистиката на Еди Рама која е полна со измами, измислици и монструозни обиди да го прикрие геноцидот што го изврши со својот режим врз Албанците, рече Бериша.

Презентирајќи, како што рече, потврдени податоци за 8 години, не за 11 години, односно во периодот 2014-2022 година, ЕВРОСТАТ констатирал дека повеќе од 950 илјади жители ја напуштиле Албанија во земјите на ЕУ.

-Режим на Рама кој како никој друг во земја без граѓанска војна протера над 1 милион и 100 илјади жители од Албанија за 8 години. Во ЕУ 950 илјади, статистиката на Велика Британија потврдува дека во оваа земја заминале 46 илјади во САД 42.5 илјади, значи околу 1милион и 80 илјади, рече Бериша.

Според него во оваа бројка не се вклучени десетици илјади албански граѓани кои заминале во Канада, Норвешка, Швајцарија, земјите од Персискиот Залив и други земји во светот.

Тој тврди дека во земјата нема повеќе од 1,4 милиони население наспроти Институтот за статистика 2.402.113 жители, според пописот.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/06/2024 17:28