Во населба во северниот дел на Атина, утрово беше пронајден 54-годишен маж смртно ранет со огнено оружје во автомобил, а според првичните неофицијални информации, бил застрелан со најмалку 15 куршуми, јави дописничката на МИА од Атина.

Веројатно мажот бил убиен од непосредна близина, од лице кое се превезувало на мотор, а сè уште е непознато дали имал и соучесник.

Убиството се случи кусо пред 8.30 часот утрово, а жртвата заедно со уште едно лице имале фирма за топографски студии.

Според аудио материјалот од безбедносна камера што го објавија грчките медиуми се слушаат околу 15 истрели, мала пауза и уште неколку истрели, што упатува на мафијашка ликвидација.

Причините и мотивите за убиството засега се непознати, а во тек е истрага на полицијата.

Весникот „Катимерини“ пишува дека според нивни информации, 54-годишниот пред неколку години во полиција пријавил дека бил физички нападнат.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/07/2024 13:17