Премиерот на Србија Милош Вучевиќ денеска оцени дека нема да има напредок во дијалогот меѓу Белград и Приштина се додека е на власт косовскиот премиер Албин Курти и додаде дека за тоа е свесен и специјалниот пратеник на ЕУ за дијалогот Мирослав Лајчак.
Вучевиќ во гостувањето на телевизија Блиц изјави дека е загрижен што Западот попушта пред косовскиот премиер.
„Не гледам ниту милиметар простор дека нешто ќе мрдне во дијалогот додека Курти е на власт. Кога разговарав со Мирослав Лајчак во Атина пред десет дена, гледам дека и тие се свесни за ова. Свесни се дека Курти сигурно нема да формира Заедница на српски општини. Се чини нереално дека Квинта нема никакво влијание врз Курти. Тие велат дека вршат притисок, но ние не гледаме никаков напредок“, рече Вучевиќ.
Коментирајќи ја изјавата на косовскиот министер Џељаљ Свечља дека претседателот на Србија Александар Вучиќ ќе биде уапсен доколку дојде на Косово, тој рече дека „бандитите никогаш не можат да уапсат претседател на една држава“.
„Имаме работа со некој кој не сака мир и кој сака етничко чистење на Србите на Косово и Метохија. Доколку претседателот на Србија одлучи да ги посети, тоа ќе биде во координација со КФОР, ЕУЛЕКС и сите институции со кои треба, додаде Вучевиќ.