Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија (КСОМ) и здруженијата „Човекот над профитот“ и „Но Пасаран“, денеска на прес-конференција пред Уставен суд посочија дека уставни судии кои во јануари годинава дале позитивно мислење за уставноста на измените на Законот за облигациони односи, во јуни го смениле мислењето и донеле одлука за преиспитување на Законот.

Ана Глигорова, од Здружението „Човекот над профитот“ вели дека ова доаѓа откако големите доверители се спротиставиле и покренале иницијатива да се преиспита одлуката и да се замрзне Законот.

– Од моментот кога ќе дојде предметот на извршител до 10 години да се извршува, тоа е апсолутна застареност. Големите доверители Асоцијацијата на банки, Телеком и тн. се спротиставија и побараа иницијатива да се преиспита и да се замрзне Законот, односно да се пресипита уставноста на истиот закон. Во јануари ние бевме во Уставен суд, каде уставните судии застанаа на страната на Законот, дека тој е уставен и не се нарушени темелните вредности на Уставот. Истите тие судии сега во јуни, за 180 степени го менуваат мислењето и по иницијатива на еден адвокат и еден граѓанин, тие велат овој закон го замрзнуваат и треба да се преиспита, што за нас е многу симптоматично, рече Глигорова

Таа појасни дека во земјите од Европската унија, предметите имаат застареност на извршна постапка најмногу до пет години, додека во земјава, од моментот кога ќе дојде предметот на извршител може да се извршува до десет години.

– Секаде во Европска унија има застареност на извршна постапка најмногу пет години, а истите овие судии во јануари го спомнаа истото, односно дека пет години ефективно се извршува. Во ЕУ нема ваква работа, веднаш би се собрал цел Париз или Берлин на протест, а ние тука имаме 240.000 блокирани сметки или четврт од еден милион луѓе се блокирани. Па колку нѐ овде? Од 1000 денари долгот станува 10.000 денари, тоа е поддржување на лихварство, вели Глигорова.

Глигорова посочи дека секојдневно добива повици од граѓани, кои се жалат дека извршителите им наплаќаат долгови од 2006/2007 година.

– Секојдневно добивам повици од граѓани на кои им се закачуваат извршителите на сметките за прастари долгови од 2006, 2007, 2008 година. Тоа не се веќе долгови, тоа е веќе лихварство. Кога ќе ја помине сумата еднаш по еднаш, на пример доколку е 1000 денари и стане 2000 денари, тоа е веќе лихварство и тешко кривично дело. Денеска сме пред Уставен суд, бидејќи имам информација дека деновиве повторно Уставниот суд ќе заседава за уставноста на овој Закон, рече Глигорова.

Претседателот на КСОМ, Марјан Ристески рече дека со Законот за облигациони односи досега извршителите во земјава имаат наплатено околу 2 милијарди евра.

– Што се случи после 6 месеци тие да го менуваат своето мислење освен пари? Бидејќи овде се гледа дека со тој Закон досега некаде околу 2 милијарди евра извршителите имаат наплатено. Јавно прашувам колку е вистинскиот долг од тие 2 милијарди евра? Очигледно се работи за голема сума на пари, се јавиле доверителите и сега како може уставен судија да го смени своето мислење, изјави Ристески.

Ристески упати апел до Владата да ги разреши ваквите судии и побара од новиот министер за правда да остварат средба.

– Праќаме апел до новиот министер за правда да нѐ прими. Убаво најавува новата Влада, бидејќи има поддршка нека ги разреши судиите, сигурно има 200-300 чесни граѓани во државава кои ќе бидат судии кои ќе излезат во името на граѓаните, а не во името на капиталот, рече Ристески



Автор: Администратор
Објавено на: 02/07/2024 14:24