Во Основниот суд Куманово денеска продолжи рочиштето во кое е обвинет кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски за злоупотреба на службена положба и овластувања, по кривична пријава поднесена од кумановски градежни фирми за случајот за недобивање дозволи за градење згради во Куманово.

На денешното рочиште продолжи испитувањето на сведокот, раководител на сектор за урбанизм во општина Куманово, Емилија Сларидис Јаневска, која одговараше на прашање на обвинителката за постапката за одобрување на градење, за документација, за датумите за донесување на суспензија на ДУП-от, што го опфаќа реонот околу гимназијата и школската амбуланта како и за измена на одлуката за степенот на градење. Сларидис рече дека одлуката ја обжалиле градежните компании и дека Уставниот суд донел времена мерка за укинување на измената и дополнувањето на одлуката на советот за суспензија, по што предметот се работел. И адвокатите на градежните компании „УПМ-ГРУП“ ДООЕЛ и „ХРОМАК Емил“ ДООЕЛ прашаа за датумите на донесување на одлуката за измена намалување на степен на градба, дали инвеститорите поседувале други пропратни дозволи, дали проектот бил ревидиран. Адвокатите на фирмите кажаа дека општината не ги почитувала одлуките од второстепениот орган односно Уставниот суд. Таа потврди дека иако законскиот рок во одредени моменти е пократок, поради забелешки може да се одолговлече и кажа дека за време на постапката имале инспекции.

На сослушувањето беше кажано дека сите институции дале позитивен извештај освен, ЈП „Водовод“, дека првично немало забелешки од гимназијата и школската амбуланта за загрозување на јавен интерес, туку од граѓани, а подоцна имало забалешки од гимназијата и школската амбуланта.

На сведочењето при вкрстено испрашување од одбраната раководителката обвини за притисоци, кажа дека точките на дневниот ред за седницата биле познати неколку дена пред носење на одлуката на Советот, а гимназијата и школската амбуланта имале забелешки кои ги разгледувало стручно лице- вештак кој им посочил дека е потребно да се суспендира ДУП-от, да се донесе нов кој не го загрозува јавниот интере.

Таа одговараше и на прашања на Димитриевски дека откако е тој градоначалник, компаниите имале одобрение за градење за пет нивни поднесени барања. Таа посочи дека колку и да се трудат да ги запазат сите рокови предметите во секторот ги работатат само тројца службеници.

На сослушувањето беше потенцирано дека на локацијата, инвеститорите можат да градат, предметот е завршен и издадено е решение за градење. Сларидис посочи на прашање на адвокат на тужителите дека одлуката на Советот за суспензија на ДУП-от е поништена од Уставниот суд.

На претходното рочиште Димитриевски кажа дека не се чувствува виновен, сопствениците на компаниите Бобан Спасовски и Емил Георгиевски сметаат дека се оштетени со одлуката за суспензија на Дуп-от за парцелата и побараваат над 3, 3 милиони денари.

Наредното рочиште е закажано за 4 септември, годинава кога ќе бидат сослушани вештите лица кои го изработиле вештачењето за претрпената штета на правните субјекти, предложени од обвинителството.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/07/2024 14:30