Српските медиуми попладнево објавија осврт на Француската новинска агенција (АФП) на денешната средба во Белград на српскиот претседател, Александар Вучиќ со рускиот заменик министер за надворешни работи на Русија, Александар Грушко, на која била пофалена соработката помеѓу Србија и Русија „која Белград никогаш целосно не ја прекинал од инвазијата врз Украина во февруари 2022 година“.
Вуќич објави фотографија со Грушко на Инстаграм и напиша дека разговарале за односите помеѓу Србија и Руската Федерација „и нагласиле дека се многу добри“. Српскиот претседател истакна и дека „особено и се заблагодарил на Русија за поддршката на територијалниот интегритет на Србија“ и за нејзиниот став „за резолуцијата на ОН за Сребреница“.
Брисел често изразува загриженост за односите на Србија со Москва. Уште минатата недела шефот на европската дипломатија Жозеп Борел, потсети дека „блиските врски со режимот на Владимир Путин … не се компатибилни со европската иднина“, истакнува АФП.
Како што пренесува српската агенција БЕТА, АФП истакнува дека „Москва секогаш го поддржуваше Белград во неговото одбивање да ја признае независноста на Косово и гласаше против резолуцијата на Генералното собрание на ОН за прогласување Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница“.
Како кандидат за прием во ЕУ од 2012 година, Србија е речиси целосно зависна од руски гас за своите енергетски потреби, а Белград, кој во ОН ја осуди руската инвазија врз Украина, сè уште постојано одбива да се приклучи на западните санкции против Кремљ, наведува АФП.
Француската новинска агенција напомнува и дека Грушко „се сретнал со потпретседателот на Владата на Србија и поранешен шеф на разузнавачките служби, Александар Вулин, кој ја посети Москва на почетокот на јуни, како и со министерот за внатрешни работи, Ивица Дачиќ“ со кого разговарал за „актуелните безбедносни предизвици“ и „потребата од континуирана соработка меѓу институциите“