За билатералните односи и прашања од европски интерес по последниот Европски совет, разговарале грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и бугарскиот претседател Румен Радев на нивната денешна средба во Атина, како што информираа од кабинетот на премиерот на Грција, а паралелно го потврдиле стратешко партнерство меѓу двете земји, јави дописничката на МИА од Атина.

На почетокот на средбата Мицотакис рекол дека секогаш имаат многу работи за разговор за регионот, „во услови на важни геополитички предизвици“.

- Но, тоа е и можност уште еднаш, одново да го потврдиме стратешкото партнерство на нашите две земји, кое верувам дека им донесе многу на нашите два народи, нагласил Мицотакис.

Бугарскиот претседател рекол дека „стратешко партнерство создава оска на стратешка соработка“.

- Сè што правиме заедно, Грција и Бугарија, ја одразува безбедноста и стабилноста на нашиот регион, посочил Радев.

Бугарскиот претседател утрово учествуваше на конференцијата на Економист, „28-та годишна тркалезна маса на грчката Влада“, а во неговиот говор се осврна на војната во Украина, истакнувајќи ја важноста на поддршката за Киев и потребата да се активира дипломатијата и дијалогот.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/07/2024 04:21