Дваесет и четири млади луѓе беа повредени пред популарен ноќен клуб во хрватското јадранско одморалиште Сплит доцна синоќа откако се скрши стаклена фасада на влезот во клубот.

Повредените, од кои повеќето биле туристи од Германија и Шведска, чекале пред клубот за да влезат. Тие се здобиле со исеченици од парчиња стакло што се разлетале, јави денеска локалниот весник „Слободна Далмација“, цитирајќи извори од болницата во Сплит.

Како што пренесе ДПА, маж на возраст од 20 и девојка на возраст од 16 години останале во болница и нивната состојба е опишана како стабилна. Останатите повредени по укажаната прва помош се вратиле дома.

Според првичните истраги, најверојатно стаклената фасада пукнала поради притисок од големиот број луѓе.

Сплит е најголемиот град во хрватскиот крајбрежен регион Далмација. Милиони луѓе одат на одмор таму во лето.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/07/2024 14:47