Швајцарците се подготвени да приредат уште едно изненадување на ЕП 2024, откако беа единствените кои не загубија од домаќинот Германија и го елиминираа актуелниот шампион Италија, изјави селекторот Мурат Јакин. Швајцарија во четвртфиналето ќе се соочи со фаворитот пред турнирот Англија, а натпреварот е закажан за во сабота во Дизелдорф.

-Игравме против Германија и се претставивме добро. Игравме и против Италија, исто така голем тим, па зошто да не ја победиме Англија? Во моментов нашиот став е позитивен, ќе видиме. Пред нас е голем предизвик против Англија и ни претстои тешка борба, рече Јакин.

Англија беше еден од фаворитите пред почетокот на турнирот во Германија, но избраниците на Герет Саутгејт настапуваат далеку под очекувањата. Вицешампионите ја освоија својата група со слаб настап и беа со една нога надвор од Европското првенство во осминафиналето, но Џуд Белингам го спаси тимот со гол во судиското продолжение против Словачка. Саутгејт беше жестоко критикуван во Англија, но Јакин сочувствува со својот колега.

-Во Англија го имаат овој проблем. Имаат огромен избор на добри играчи и некои од нив мораат да ги остават дома. Кога имате неколку неубедливи натпревари, почнуваат проблемите. Јас поминав низ такво нешто минатата година. Едноставно се фокусирав само на фудбалот, а не на она што беше напишано во весниците, додаде тој.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/07/2024 23:44