Јетон Незирај, сценарист и директор на Ќендра Мултимедиа од Приштина, од официјалната е-пошта на својата културна организација пласираше лажна информација на социјалните мрежи и потоа ја проследи до медиумите дека Народниот театар во Белград ќе организира „Недела на косовскиот театар во Белград“, јави Н1, кој претходно ја пренесе лажната вест.
Медиумот посочува дека најпознатиот драмски писател од Косово до многу новински редакции, вклучувајќи ја и Н1, испратил тврдење дека овој фестивал ќе се одржи претстојната есен.
Порталот Н1 се обидел да стапи во контакт со Незирај за да објасни зошто и со каква цел од официјалната е-пошта ја испратил оваа информација, но тој не одговара на пораките.
Во соопштението до медиумите тој тврдеше дека „Неделата на косовскиот театар“ ќе се одржи во Белград на 29 ноември. Дури и наведе дека вчера, тој лично и директорот на Народниот театар во Белград Светислав Гонциќ потпишале меморандум.
„Ова е извонреден, историски настан кој означува исклучителен напредок во културните односи меѓу Косово и Србија. По многу години безнадежни конфликти меѓу двете земји, а особено по последните тензии кои ги оставивме зад нас, кога Владата на Србија го откажа фестивалот ‘Миредита, Добар ден’ во Белград, каде требаше да биде претставена уметничката сцена на Косово, веста за организирање на ‘Неделата на косовскиот театар’ во Белград претставува значаен, револуционерен чекор во момент кога се чинеше дека надежта за нормализирање на односите е целосно изгасната. Со ова се отвора нов прозорец од големо значење за иднината на двете земји“, се наведува во соопштението кое Ќендра Мултимедиа од Приштина го испрати до медиумите во име на двата театри.
Во соопштението го цитира и Светислав Гонциќ, кој наводно рекол: „Време е нашите две земји да се свртат кон иднината, а ова отворање на вратите за театарската сцена на соседната земја претставува најцивилизиран можен чин. Во Републичкото Министерство за култура ми рекоа дека Албанците немаат театар. Нивните претстави можеби не се квалитетни, но важно е да им подадеме рака на помирување, да понудиме наша сцена за да ги прикажат своите ора и нивната традиција. Знам дека Албанците имаат чудесен фолклор“.
Понатаму во соопштението се наведува: „Двете страни се договорија трошоците во Белград да се плаќаат во евра, во готовина, додека неопходните трансфери од Белград до Приштина ќе се вршат во српски динари, кои потоа Централната банка на Косово ќе ги конвертира во евра.“