Претседателот на Собранието на Косово, Глаук Коњуфца го прими денеска пратеникот на Словенија за Западен Балкан, Анжеј Франгеш, со кого разговарал за случувањата во Косово и регионот, особено во контекст на безбедноста и потребата од стабилност, јави дописникот на МИА од Приштина.

Спикерот Коњуфца, според соопштението на собраниската служба за информирање, на средбата оценил дека „денес небезбедноста во регионот има два главни извори, руската агресија во Украина и непочитувањето на границите од страна на Србија, односно нејзината амбиција за територијална експанзија“.

- Се разговараше и за дијалогот Косово-Србија, односно за потребата Европската Унија да направи повеќе за Србија да се врати на Бриселскиот договор како основна рамка за нормализација на односите меѓу двете држави (Косово и Србија), се наведува во соопштението.

Гостинот од Словенија, Франгеш, според соопштението, го изразил своето мислење дека „Словенија, но и ЕУ треба да знаат повеќе за перспективата на тоа како страните, пред сè косовската, гледаат на работите, со цел тоа да се одрази најадекватно на пристапот на меѓународниот фактор кон случувањата во односите Косово - Србија, но и политичките случувања воопшто во регионот“.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/07/2024 04:14