Џејми Фокс проговори за болеста поради која беше подолго сместен в болница минатата година. Тој притоа го прекинал снимањето на акционата комедија „Враќање во акција“ (Back in Action) во Атланта, САД, што сега е во постпродукција.
Актерот се отвори за својата „медицинска компликација“ и престојот в болница пред група гости во Феникс, Аризона, а разговорот е објавен на „Тикток“. Во видеото, Фокс вели дека сѐ почнало со тешка главоболка, па неговата ќерка и сестра му го однеле на лекар.
- На 11 април лани почувствував страшна главоболка, па побарав „Бруфен“. И, „ме снема“ на 20 дена... Не се сеќавам на ништо... Одеднаш, во Атланта сум, ми рекоа... Сестра ми и ќерката ме однеле на лекар итно. Ми дале таму инјекција, раскажува Фокс.
Еден од лекарите му рекол оти „нешто се случува“ лошо со главата на „оскаровецот“...
- Нема да кажам пред камера. Но, тоа беше..., заврши Фокс.
Не ја откри јавно својата болест, но појасни дека е на пат кон закрепнување. Според западните медиуми, тој, наводно, бил лекуван во „установа за физичка рехабилитација во Чикаго“ специјализирана „за мозочни удари и повреди на мозокот“.
Инаку, во филмот „Враќање во акција“, после неколку години пауза од глумата, се враќа и Камерон Дијаз. Комедијата излегува на 15 ноември, оваа 2024 година. Џејми Фокс годинава е актуелен со пародијата „Ова не е уште црковен филм“ (Not Another Church Movie), којшто досега на ИМДБ има незавидна оценка 2,3 / 10.