Градоначалникот на Белград, Александар Шапиќ денеска изјави дека нема да ги толерира фрустрациите на министерот за градежништво Горан Весиќ и ударите под појасот, јави дописникот на МИА од Белград.
Тој на прес-конференцијата рече дека неколку години молчел бидејќи се занимавал со Белград и работи што требало да се направат, додавајќи дека го трпел Весиќ поради „мир во куќата“, бидејќи оди и го „озборува“ во Српската напредна партија (СНС).
Шапиќ рече дека СНС го повикала да дојде во редовите на партијата и дека знаеле дека ако тој биде таму, Весиќ ќе го нема, дека го поставиле за потпретседател на СНС и дека го предложиле за градоначалник на Белград.
Тој истакна дека денеска ќе ја реши дилемата кој кого сака, а кој не и дека нема да дозволи „исфрустрирани поединци“ да го кочат и него и СНС и целото општество, како и дека ќе ги возврати сите удари под појасот со директни удари.
- Како да назначите некој што не ви се допаѓа за потпретседател и да го кандидирате за градоначалник? Нема поголем акционер на СНС од мене. Ја згаснав мојата парламентарна партија и направив големи жртви. Верував во политиката на СНС и верувам и денес, рече Шапиќ.
Тој потенцираше дека нема свои новинари кои ги води по забави и дека нема свое геј лоби.
- Немам свои пријателки кои се дружат по утрински програми, кои имаат разни шеми и комбинации, не плаќам лажни аналитичари и поранешни политичари кои никој не ги сака како Јовановиќ, бидејќи пред две години ми беше понудено да го плаќам. Немам БИРН да го помагам и финансирам за да ми ги води битките внатре во партијата и надвор од партијата, немам врски со опозициските медиуми, рече Шапиќ.
Како што изјави, Весиќ го има сето тоа и повеќе нема тоа да го дозволи заради мирот во куќата.