Претставата „Океанија“ во изведба на млади актери од земјава, а во организација на Арт - манија премиерно ќе биде изведена утревер покрај Охридското Езеро во близина на Скаут Камп во Струга.

„Океанија“, како што појаснуваат од тимот, е приказна за мало храбро девојче кое има голема задача: да го спаси целиот океан. Но, за тоа кој ќе и помогне во нејзината авантура, што ќе и го попречува патот и колку е важно да се спаси океанот и островот, екипата ја повикува публиката да ја погледне претставата.

Сценографијата е на уметниците Милко Нестороски, Викторија Попоска и Бојан Секулоски, а е создадена од отпад собран од плажите и езерото во рамки на еко акцијата „Гласот на крајбрежјето“ што Европската куќа-Струга ја спроведе во соработка со здружение „Аква“.

- Креирањето беше еден вид работилница на уметниците. Тие одржаа и посебна работилница со дечиња со посебни потреби, кои исто така креираа дел од сценографијата со отпадот што беше собран во рамки на еко акцијата што ја организиравме, информира Европската куќа - Струга.

Претстава „Океанија“ е поддржана од Министерство за култура, центарот за култура „Браќа Миладинвоци“, Европската куќа - Струга, а во организација на здружението „Арт Манија“.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/07/2024 17:05