Уникатен поетско - музички перформанс со стихови современа поезија што пеат за безвремени теми, низ слободен израз и рима, од најдобрите македонски современи поети, синоќа ја разиграа летната вечер пред платото на Градскиот музеј Крива Паланка.

Интерпретацијата и прекрасната компилација на музички перформанс со ритамот на кавал, џембе, ксилофон, гитара, кларинет и поетскиот израз на неповторливите: Владимир Мартиновски, Перица Сарџоски, Николина Андова Шопова, Јулијана Величковска, Ѓоко Здравески, Андреј Ал-Асади, Марија Ангеловска, Андреј Медиќ Лазаревски и Марија Велинова, ја вброија во уште една во листата незаборавни книжевни вечери, запишани во историјата на "Градот на културата".

Најдобрите македонски современи поети, гости на манифестацијата, читаа нови стихови и упатија пораки на благодарност до организаторите за поканата за учество, а присутните уживаа во настанот.

Настанот го организираше ЛУ Градски музеј Крива Паланка во соработка со издавачката куќа „ПНВ Публикации“, Скопје, како дел од манифестацијата "Крива Паланка - Град на културата" и "Кривопаланечко културно лето".

Утревечер на програмата е "Паланечка дума", книжевна вечер на која ќе бидат претставени триесетина роднокрајни автори на белетристика: поезија, романи и драми од Крива Паланка. Од нив, најавено е присуство на 20 автори од различни генерации, кои ќе го презентираат своето творештво.

Настанот ќе се одржи на летната сцена во градскиот парк Крива Паланка, во 20 часот, а организатор е НУ Центар за култура Крива Паланка, во рамки на манифестација "Крива Паланка - Град на културата 2024" и "Кривопаланечко културно лето".



Автор: Администратор
Објавено на: 07/07/2024 12:20