Грчката фрегата „Псара“, дел од европската операција „Аспидес“ (Штитови) во Црвеното море, утрово интервенирала против четири беспилотни летала (UAVs) во Аденскиот Залив, што биле упатени кон трговски брод и соборила два од дроновите, објавија грчките медиуми, повикувајќи се на воени извори, јави дописничката на МИА од Атина.

Со цел да го заштити трговскиот брод, фрегатата, употребила анти-дрон систем и отворила оган против четирите беспилотни летала, од кои две биле соборени, а другите се повлекле и оддалечиле.

Според истите извори, „Псара“ регуларно ја продолжува својата мисија.

Грчката фрегата вчера наутро ја посетија министерот за одбрана на Грција Никос Дендиас и високиот претставник на Европската Унија за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/07/2024 13:36