Стихозбирката „Македонствување" од поетесата Десанка Николова од Велес синоќа беше промовирана во НУ Центар за култура Крива Паланка во рамки на програмата на „Кривопаланечко културно лето" и манифестацијата „Крива Паланка - Град на културата 2024".
Поетската збирка ги содржи стихозбирките „Грутка во грлото" и „Мудровезби". Според промоторката Мира Георгиевска, стиховите од „Македонствување" се поетски манифест за Македонија, аманет и благослов за татковината што, како што рече, „стои во сржта на творештвото на авторката“.
-Поетскиот портрет на Николова со интерпретација на лирски, патриотски, рефлексивни стихови ја одушеви публиката присутна оваа прекрасна лирска вечер, рече промоторката Георгиевска.
Авторката порача дека ако го изгубиме јазикот ќе бидеме дрво без корен, затоа што јазикот, нагласи таа, „ни е дедовина и медовина, аманет и благослов кој го имаме“.
-И самиот наслов „Македонствување" ја носи онаа порака која јас често ја кажувам: ако сакате да го уништите еден народ, уништете му ја културата, уништете му го јазикот. Значи, ние од петни жили мора да се потрудиме да си ја зачуваме културата, да си го зачуваме јазикот затоа што јазикот е нашата единствена татковина. Затоа на моите читатели, на моите колеги, им порачувам да го чуваме јазикот со убавиот македонски збор, само да твориме со правилна употреба на македонскиот јазик, секогаш ќе бидеме на браникот, ќе го дочуваме оној Рацинов аманет, аманетот на Конески и на сите по нив, на големиот Гане Тодоровски и на Петре М. Андреевски. Јазикот е нашето идентитетско обележје коешто не смееме да го изгубиме, истакна авторката Николова на промоцијата