Повеќе градежни активности се спроведуваат во текот на летниот период во ООУ „Лазо Ангеловски“ во Ново Лисиче, како и во спортскиот центар „Марко Божиновски“ што се наоѓа во рамките на ова училиште.

Заменик-градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, денеска ги посети локациите каде што активно се работи на подобрување на инфраструктурата на овие објекти пред почетокот на новата учебна година.

Големиот број ученици и аеродромци што секојдневно спортуваат во центарот „Марко Божиновски“ наскоро ќе добијат современо опремен фитнес-центар, а ќе се инвестира и во спортски билјард-центар, каде што ќе има бесплатни часови со лиценцирани тренери за учениците од Општина Аеродром.

Исто така, со помош на општествено одговорна компанија спортскиот центар ќе добие фотоволтаици коишто ќе овозможат заштеда на електричната енергија.

Паралелно со зафатите што се одвиваат во спортскиот центар, се врши и реновирање на четири санитарни јазли во училиштето „Лазо Ангеловски“, како дел од проектот за унапредување на основното образование во рамките на МОН, а е финансиран од Светска банка. Претходно, училиштето, во рамките на истиот проект, беше опремено со ИТ и со друга мрежна инфраструктура.

Младите остануваат наш главен приоритет, а со голема посветеност и натаму ќе продолжиме да ги подобруваме условите во кои тие престојуваат и го стекнуваат своето образование.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/07/2024 17:53