Еминем ја заби последната шајка во ковчегот на неговото алтер его „Слим Шејди“... Објавен е 12-от студиски албум на американскиот рапер, под наслов „The Death Of Slim Shady (Coup De Grâce)“.
На плочата ѝ претходеа водечките синглови „Houdini“ и „Tobey“, во коишто учествуваат неговите пријатели - рапери од Детроит, Биг Шон и Бејбитрон. Албумот има вкупно 19 „траки“, а ја вклучува и познатата крилатица „Погоди кој се враќа“ (Guess Who’s Back) од почетоците на кариерата на Еминем, како и „Guilty Conscience 2“, своевидно „продолжение“ на неговиот сингл „Guilty Conscious“ направен со помош на Д-р Дре за албумот „The Slim Shady LP“ од 1999 година.
Еминем „брутално го раскостуваше“ Слим Шејди со недели пред објавувањето на албумот. Во музичкото видео за „Tobey“, тој употреби и моторна пила, иако другите маркетинг-трикови за промоција на неговиот нов проект, можеби, не се толку ужасни...
Во мај, Еминем објави и лажен некролог во „Детроит фри прес“ во којшто тагува за „измачувачкото суштествување“ на измислениот лик.
„Неговото сложено и измачувачко опстојување заврши, а наследството што го остави зад себе не е поблиску до разрешување од начинот на којшто овој лик го напушти овој свет“, се вели во „некрологот“.
„Слим Шејди“, како што вели Еминем, е производ на Детроит и „непријателските поделби во просперитетната андерграунд-рап сцена“ од средината до крајот на 1990-тите.
„На крајот на краиштата, самите нешта што се чинеше дека се алатките што ги користеше станаа ’картички со име’ што го дефинираа постоењето коешто можеше да заврши само со ненадеен и ужасен крај“, се вели во објавата.
„Шејди“ првпат стана познато име во 1999 година со дебито на неговиот сингл со повесел ритам - „My Name Is“, што заедно со неговото уникатно видео, го изложи младиот рап-уметник и неговите стихови пред пошироката публика.