Клинт Иствуд, познат и како глумец, и како почитуван режисер, застана зад камерата во 1971 година, кога го режираше својот филм „Морници во ноќта“ (Play Misty for Me), па оттогаш создаде бројни извонредни филмски дела.
Се вели, филмската режија носи многу поголема одговорност отколку самата глума, а Клинт Иствуд се чини дека знае како да се справи и со својата втора професија. Меѓу попознатите негови режисерски дела се „Непростено“ од 1992., награден со четири „Оскари“, „Мостовите на Округот Медисон“, „Девојка од милион долари“, „Писма од Иво Џима“ и „Гран Торино“.
Создавањето позитивна работна атмосфера е еден аспект од режијата којшто честопати останува незабележан.
- Сакам да се забавувам. Ми се допаѓа она кога сите се во добро расположение, изјави Клинт Иствуд во интервју за порталот „ДГА“.
Тоа е еден дел од атмосферата што Иствуд сака да ја создаде за својата екипа, но продуцирањето филм само заради чиста забава веројатно нема да привлече многу внимание. Следствено, Клинт Иствуд сака и на сцената да биде „тивка“ и „без напнатост“, како всушност и многу од неговите филмови.
Тишината, вели, е неопходна за 94-годишниот филмаџија и за добро завршена работа, но од друга страна, една од работите што го иритираат - дури и повеќе од „луѓето кои врескаат еден кон друг“, е она кога „тие се обидуваат да cе замолчат“ еден со друг. Иствуд ја намалува „вревата“ на минимум, за глумците да можат да работат концентрирано и да го внесат потребниот интензитет во нивните изведби, што, според многумина, ги прави неговите филмови толку одлични.
Иако во 2021 година најавуваше дека „Плачи, Мачо“ (Cry Macho) е неговиот последен режисерски проект, според ИМДБ, следниот филм на Иствуд - „Поротникот бр. 2“ (Juror #2) е веќе комплетиран и се чека на датумот на премиерата.