Кошаркарската репрезентација на САД ја забележа третата последователна победа во подготовките за Олимписките игри во Париз.
Селекцијата на Стив Кер го одигра најсилниот неофицијален натпревар ова лето и ја декласираше Србија на Никола Јокиќ со конечни 105:79 (28:28, 31:17, 24:13, 22:21) на средбата одржана во Абу Даби.
Во ротацијата на Американците повторно отсуствуваше Кевин Дурант, кој има повреда на потколеницата, а во игра за „орлите“ настапи нивниот капитен Богдан Богдановиќ, како и Никола Милутинов и Огњен Јарамаз.
Интересен податок е дека САД и Србија ќе се соочат во групната фаза на Олимписките игри - на 28 јули.
Американците досега ги совладаа Канада 86:72 и Австралија 98:92, но во ниту еден натпревар не покажаа доминација, каква што наметнаа денеска против Србија.
Пулените на Светислав Пешиќ беа подобри во почетните минути од натпреварот, но нерешениот резултат застана на 40:40 и оттогаш олимписките шампиони ги диктираа настаните на паркетот во Етихад арената.
Ова е втор пораз во низа за Србите, кои вчера загубија и од Австралија со 73:84.
Следниот тест на САД е в сабота против Јужен Судан. Србија ќе се соочи со Јапонија на 21 јули во Белград.
Лидерот на Голден Стејт Вориорс Стеф Кари денеска ги предводеше Американците со 24 поени при 6/9 шут од тројка. Бам Адебајо постигна 17 поени и 7 скока, Ентони Едвардс имаше 16 поени, а Ентони Дејвис имаше 7 поени, 6 скока и 6 блокади.
За Србија, Никола Јокиќ остана на само 8 поени, заедно со 7 скока при 3/10 шут од поле