Откако вчера го објавија потписот на Лени Јоро од Лил, Манчестер Јунајтед работи и на договор за играчот од средниот ред на Пари Сен Жермен - Мануел Угарте.
Според Фабрицио Романо, уругвајскиот интернационалец веќе се согласил да замине на „Олд Трафорд“, бидејќи тој и клубот ги договориле основните услови од неговиот личен договор.
Сега раководството на „црвените ѓаволи“ треба да се обиде да се договори со Пари Сен Жермен околу евентуалната трансфер сума. Сепак, Угарте е во плановите и на Атлетико Мадрид.
Дотичниот играч е дефанзивен играч за врска и пристигна во Париз пред само една година од Спортинг Лисабон за висока сума од 60 милиони евра, што најверојатно значи дека неговиот сегашен клуб ќе сака барем толку. Угарте минатата сезона за ПСЖ учествуваше на 37 натпревари и постигна три гола.
Доброто за Јунајтед е што францускиот шампион моментално прави се што е во нивна моќ за да го ангажира Жоао Невес од Бенфика, кој игра на истата позиција.