Еуфоријата не е оправдување за расизам, изјави поранешниот француски голман Уго Лорис како одговор на навредливите скандирања против неговите сонародници од страна на аргентинските фудбалери. Тој беше категоричен дека ова е „напад на Французите“ генерално.
Скандалот изби по финалето на Копа Америка, во кое Аргентина ја победи Колумбија со 1:0 во Мајами, откако играчот за врска на светските шампиони, Енцо Фернандез, на Инстаграм објави видео во кое тој и дел од соиграчите со песна ги навредуваат Французите со африканско потекло.
Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) веднаш покрена истрага за инцидентот поради „расизам и дискриминација“. Челси, исто така, има намера да го казни својот играч, кој се извини и рече дека тоа го направил во момент на еуфорија од освојувањето на титулата во Копа Америка.
-Не е важно дали тоа беше момент на еуфорија од освојувањето на важен турнир. Кога сте победник и шампион, вашата одговорност е уште поголема. Ние сме против дискриминацијата и расизмот. Мислам дека тоа е грешка од нивна страна и се надевам дека сум во право. Сите грешиме, само треба да учиме од нив, изјави Лорис за Би-Би-Си.