Легендарниот италијански тренер, Карло Анчелоти проговори зошто не сака да тренира репрезентација, а се пошегува и за неговото пензионирање, Мбапе и Белингем.

Анчелоти неодамна наполни 65 години, а договорот со Реал Мадрид го продолжи до 2026 година.

Преку видео врска, Анчелоти зборуваше на филмскиот фестивал во Салерно, чија цел е да го доближи светот на филмот до децата.

- Не знам кога ќе се повлечам. Кога ќе ми здосади Реал Мадрид, тогаш треба да размислам што понатаму, рече тој низ смеа.

Некој предложи да го преземе Бразил, можеби Италија во иднина, но…

-Не ми се допаѓа идејата да бидам селектор, претпочитам секојдневна работа на клупско ниво, порача Италијанецот.

Анчелоти се врати во Реал во 2021 година, а претходно раководеше со „кралскиот клуб“ од 2013 до 2015 година, но имаше неуспешни епизоди како оние во Наполи и Евертон.

- Тоа не беа неуспеси, тоа беа искуства, дециден е тој.

Анчелоти го следел ЕУРО и двајцата негови играчи - Џуд Белингем и Килијан Мбапе.

-Шпанија го заслужи трофејот, тие се најталентирани. Беше ЕУРО со слаб интензитет, бидејќи најдобрите играчи беа уморни уште на стартот. Белингем е генетски шампион – може да се подобри со секој изминат тренинг, но потребна е генетика за да се биде шампион, изјави тој.

На крајот, како Мбапе ќе се вклопи во Реал Мадрид? „Ќе видиме, ќе го ставам некаде“, се пошегува Анчелоти



Автор: Администратор
Објавено на: 21/07/2024 17:30